
Доколку ја доживувате истата фрустрација, тогаш сте на вистинското место.
Оваа програма за учење ја осмисливме за да им помогнеме на родителите или бабите и дедовците да ги научат своите деца или внуци, кои живеат во странство, да комуницираат на нашиот мајчин јазик.
Заедно градиме заедница која ќе ги охрабри нашите деца и внуци да го учат, зборуваат и зачуваат македонскиот јазик.
Дали сте подготвени да ни се придружите и да си дадете поддршка себеси и на вашите деца или внуци на ова патување?
Пополнете го овој формулар и ќе бидете еден чекор поблиску до остварување на оваа цел.

Почитувани родители, баби и дедовци!
Нашата приказна започнува токму со проблемите со кои родителите на деца кои живеат во странство се соочуваат секојдневно. За нашите деца кои се родени или растат во странските земји, мајчиниот јазик е јазикот што го користат на училиште, јазикот на којшто комуницираат со своите врсници и слично. Нормално, секој родител би сакал неговото дете да го знае македонскиот јазик, да комуницира со своите роднини, другари и пријатели во Македонија на македонски јазик, да ја негува културата, традицијата, религиозните и духовните вредности на нашиот род. Но, тоа не е секогаш лесно. Децата може да разбираат, ама да имаат одбивност да одговорат. Секако, нивниот вокабулар на почеток е мал. Многу од зборовите не им се познати и, според тоа, комуникацијата со роднините и пријателите во Македонија за нив е тешка. Поради тоа може да ја загубат желбата да го учат јазикот на кој нивните родители зборуваат. Со тоа и комуникацијата помеѓу родителите и децата во одредени моменти е отежната - недоволно разбирање, недоволен вокабулар, непознавање на граматиката и слично.
Токму овие проблеми ги опфаќа и настојува да ги реши нашата програма. Нашите видеа, материјали и во иднина работилници, се прецизно дизајнирани за учење на разговорниот македонски јазик, наместо на граматичките правила. Но, сепак, нашите материјали ги вклучуваат и сите елементи на граматиката за учење и правилно зборување на јазикот. Сето тоа - преку реални приказни, каде децата или повозрасните ќе се пронајдат и со тоа ќе имаат желба да го усовршат мајчиниот јазик, почнувајќи од нашата азбука, сѐ до секојдневни ситуации во кои можат да ги запознаат традициите, обичаите, културата и убавините на Македонија. Нашата мисија е да го зачуваме фамилијарното наследство преку мајчиниот јазик.
Доколку и Вие имате желба Вашето дете, внуче или било кој друг да го научи мајчиниот јазик, придружете се на нашата заедница и кога целата програма ќе биде подготвена, ќе Ве известиме да започнете со учењето. Дотогаш следете ги нашите видеа за изучување на македонската азбука.
FAMILY ELDERS
Зад реализацијата на вашите очекувања стои професионален и посветен тим, составен од соодветни стручњаци и просветни работници,
искусни и успешни во својата работа и постигнувања.
Билјана Тинтоска
Марјан Ангелески
Дарко Тодороски
Катерина Стојкоска
Често поставувани прашања
Со вашето приклучување кон заедницата добивате огромен бенефит во совладувањето на македонскиот јазик. Едновремено, нам ни давате поддршка да бидеме попродуктивни во проектот на кој работиме и со тоа сите заедно ќе придонесеме кон зачувување на нашата јазична заедница, семејството, идентитетот, традицијата и културните вредности.
Ќе добиете известување за сите нови материјали кои ги објавуваме, за наредните чекори, а во иднина и како да ја користите оваа заедница за да го учиме и зачуваме македонскиот јазик.
Членството во заедницата е бесплатно.
Доколку сакате да го поддржите проектот на било каков начин, доколку имате идеја да дадете помош при реализацијата во облик на спонзорство, донација, можете да не контактирате на contact@majcinjazik.mk
Моментално работиме на изработка на дигитални материјали за изучување на македонската азбука. Паралелно изработуваме и материјали за изучување на почетно ниво на македонски јазик без потреба од изучување на граматички правила и прописи. Преку приказни ќе го доближиме до наредната генерација.
Можете да не контактирате преку социјалните медиуми или на емаил адресата contact@majcinjazik.mk
Забрането е копирање, умножување и објавување на делови од содржината во печатени или електронски медиуми без писмено одобрение од авторите.